Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, Владата на Република Северна Македонија обезбедува финансиска поддршка за деловни субјекти за реализација на продуктивни почетни инвестиции, со цел зголемување на конкурентноста на економијата, поттикнување на инвестициите и зголемување на вработеноста.
Финансиската поддршка се доделува согласно условите и постапките утврдени во Законот и врз основа на склучен Договор за финансиска поддршка помеѓу Владата и корисникот.
Преку овој механизам, голем број компании во Северна Македонија добија финансиска поддршка, со што придонесоа за проширување на своите деловни активности, зајакнување на економските капацитети и зголемување на инвестиционата атрактивност на државата.
КРИТЕРИУМИ
Финансиска поддршка може да се додели на деловни субјекти кои ги исполнуваат критериумите утврдени со Законот, вклучително:
- Реализација на продуктивна почетна инвестиција
- Остварен раст на вкупните приходи од работењето во периодот на инвестицијата
- Просечниот број на вработени да не е намален за повеќе од 5% во однос на почетната состојба утврдена во договорот
ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА МОЖЕ ДА СЕ ДОДЕЛИ ЗА:
- Нови вработувања
- Истражувачко-развојни центри и активности (R&D)
- Инвестиции во проекти од значаен економски интерес
- Капитални инвестиции
- Поддршка за преземање на компании кои се соочуваат со потешкотии во работењето
- Зголемување на конкурентноста на компаниите
ДОПОЛНИТЕЛНА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА
- За продуктивни почетни инвестиции на деловни субјекти основани од македонски државјани со престој или привремен престој надвор од Република Северна Македонија, износот на финансиската поддршка се зголемува за 15% од оправданите инвестициски трошоци, најмногу до 1.000.000 евра годишно.
- Со цел поттикнување на рамномерен регионален развој, на корисниците на финансиска поддршка им се доделува дополнителна финансиска поддршка, во зависност од планскиот регион во кој се реализира продуктивната почетна инвестиција.