ЧПП финансиска поддршка

Често поставувани прашања за финансиската поддршка

  1. 1
    Како се аплицира?

    Деловниот субјект потребно е да достави барање за доделување на финансиска поддршка заедно со писмо на намери, деловен план и финансиски извештај за претходните години.

  2. 2
    Дали постои можност за ,,Online’’ поднесување на барање за доделување на финансиска поддршка?

    Целокупната документација во пишана форма се доставува до архивата на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Северна Македонија. Барањето за доделување на финансиска поддршка е прикачено на веб страната на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Северна Македонија. 

    За повеќе информации посетете го линкот: https://bit.ly/3LcNzvM

  3. 3
    Дали може да се аплицира за повеќе мерки?

    Барањето за доделување на финансиска поддршка може да биде поднесено за повеќе видови мерки за финансиска поддршка.

  4. 4
    Што е продуктивна почетна инвестиција?

    „Продуктивни почетни инвестиции“ се инвестиции во материјални и/или нематеријални средства поврзани со: - основање на нов деловен субјект; - проширување на капацитетот на производството на постојниот деловен субјект; - воведување на производен процес; - воведување на нови производи; - суштинска промена во целокупниот процес на производство на постојниот деловен субјект и - стекнување на основни средства од деловен субјект кој е во постапка на стечај, под услов истите да се купени од субјект којшто не е во капитална или друга поврзаност согласно закон со субјектот од кој се купуваат средствата.

  5. 5
    Колку им е важноста на дополнителните документи при аплицирањето?

    Не постари од 60 дена.

  6. 6
    Кои деловни субјекти можат да аплицираат за финансиска поддршка?

    Деловни субјекти кои започнале со продуктивна почетна инвестиција, немаат намалување на вкупните приходи од работењето и не бележат намалување на вкупниот број на вработени за повеќе од 5% во последната година во однос на просекот од претходните три години.

  7. 7
    Дали странски инвеститори можат да аплицираат?

    Трговци регистрирани во Регистарот на трговски друштва во Централниот Регистар на Република Северна Македонија можат да аплицираат за финансиска поддршка.

  8. 8
    Што се смета за "нова машина" во смисла на Законот?

    „Нова машина“ е секоја машина, опрема или постројка произведена не порано од две години од датумот на купување, и е набавена или произведена од корисникот на финансиската поддршка под реални пазарни услови и цена утврдени согласно меѓународни сметководствени стандарди прифатени во Република Северна Македонија.

  9. 9
    Што се подразбира под "инвестициски проект" во смисла на Законот?

    „Инвестициски проект“ се сите активности кои ќе бидат преземени од деловниот субјект и кои вклучуваат инвестиции во изградба на нови односно адаптација, реконструкција или доградба на веќе постоечки објекти, набавка на опрема, машини и постројки и отворање на нови работни места согласно деловниот план, како и инвестиции во нематеријални средства

  10. 10
    До кога најдоцна се склучува договорот за финансиска поддршка?

    Договорите за доделување на финансиска поддршка со корисниците се склучуваат не подоцна од 31 јули во тековната година.

  11. 11
    До кога најдоцна се поднесува барањето за исплата на финансиска поддршка?

    Корисниците на финансиска поддршка по поднесувањето на барањето за доделување на финансиска поддршка и по склучувањето на договорот за доделување на финансиска поддршка имаат право да поднесат барање за исплата на финансиска поддршка најдоцна до 31 август.

  12. 12
    Дали може да се измени веќе склучениот договор за доделување на финансиска поддршка?

    Договор за финансиска поддршка на инвестиции може да се измени доколку за одреден инвестициски проект деловниот субјект поднесе барање за проширување на обемот на финансиска поддршка преку доделување и на друг вид на финансиска поддршка. Договор за финансиска поддршка на инвестиции може да се измени доколку за одреден инвестициски проект деловниот субјект поднесе барање за измена на минималниот износ на инвестиција и тоа истиот да се зголеми без ограничувања или да се намали, но не повеќе од 20% од вкупната вредност на инвестицискиот проект за кој е склучен Договорот за доделување на финансиска поддршка, освен за корисниците на финансиска поддршка од членот 22 од Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Барањето за измена на договорот за доделување на финансиска поддршка се поднесува најдоцна до 31 мај во тековната година.