БИЗНИС ФОРУМ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА – КАЗАХСТАН: НОВИ МОЖНОСТИ ЗА СОРАБОТКА И ИНВЕСТИЦИИ

slika 1

Invest North Macedonia активно учествуваше на бизнис форумот Северна Македонија – Казахстан, кој се одржа во Скопје, обединувајќи претставници од институциите и бизнис заедниците на Северна Македонија и Казахстан. Настанот претставуваше значајна платформа за унапредување на економската соработка и отворање нови перспективи за инвестиции и трговија.

Форумот беше официјално отворен од заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Зоран Димитровски, и министерот за трговија и интеграција на Република Казахстан, Арман Шакалиев. Во нивните обраќања беше потенцирана важноста од продлабочување на економските односи, зголемување на трговската размена и креирање стабилни услови за долгорочна соработка.

Во рамки на форумот беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Invest North Macedonia и QazTrade, од страна на директорот Рефик Џемаили. Со овој документ се воспоставува цврста институционална рамка за унапредување на инвестициите и извозот, преку размена на економски информации, добри практики и заеднички активности насочени кон полесен пристап на компаниите до нови пазари.

Дополнително, беше потпишан Договор за основање на Деловен совет помеѓу Стопанска комора на Северна Македонија и Комора за меѓународна трговија на Казахстан. Оваа иницијатива отвора нови канали за директна комуникација меѓу компаниите и создава предуслови за развој на долгорочни и одржливи деловни партнерства.

Во текот на форумот, државниот советник Игор Велевски ги презентираше инвестициските и извозните потенцијали на Северна Македонија, при што беа истакнати клучните конкурентски предности: поволната деловна клима, стратешката географска позиција, пристапот до регионални и меѓународни пазари, како и пакетот на мерки и поддршка за странските инвеститори.

Форумот вклучуваше и динамичен сегмент на билатерални бизнис средби, каде компаниите од Северна Македонија и Казахстан имаа можност да воспостават директни контакти и да разгледаат конкретни можности за соработка. Посебен интерес беше покажан во секторите индустрија, агробизнис, енергетика и инфраструктура, што укажува на широкиот спектар на потенцијал за заеднички инвестиции.

Овој бизнис форум уште еднаш го потврди значајниот потенцијал за продлабочување на економските односи меѓу Северна Македонија и Казахстан, поставувајќи основа за идни конкретни проекти и инвестициски иницијативи.

Invest North Macedonia останува посветена на привлекување нови инвестиции, поддршка на извозно ориентираните компании и создавање услови за одржлив економски раст и развој.

Share on facebook
Facebook
Share on google
Google+
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on pinterest
Pinterest
    Cart