Германската фармацевтска компанија „Гересхајмер“ денеска официјално го означи почетокот на својата инвестиција, нова фабрика за производство на специјализирани производи од медицинско стакло и пластика, лоцирана во ТИРЗ Скопје.
Вредноста на инвестицијата е 25 милиони евра, со креирање на 400 нови работни места, но и со планови за понатамошно проширување.
Ова е прва фабрика на германската компанија во Југоисточна Европа, а Северна Македонија е избрана како поволна бизнис дестинација во конкуренција со земјите од соседството. Првиот инвестициски циклус „Гересхајмер“ го започна во 2019 година, а се очекува да заврши до 2024 година.
Компанијата „Гересхајмер“ како резултат на добрата деловна клима во земјата и поддршката на Владата, најави и втор инвестициски циклус за производство на стаклени шприцеви за медицински цели. Според најавите, втората инвестиција ќе биде најголема странска инвестиција досега реализирана во една фаза.