Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Република Северна Македонија на „ББ +“.
Во извештајот„Фич“ нотира дека потврдениот рејтинг во услови на пандемија е резултат на спроведувањето добри политики на владеење, развојот на човечкиот капитал, како и кредибилната и кохерентната макроекономска и финансиска политика конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс. https://bit.ly/3mRrytg
Агенцијата предвидува раст на македонската економија од 4,1% во 2021 година и 4,3% во 2022 година, како резултат на поволните економски услови на клучните извозни пазари.
„Фич“ во извештајот наведува дека процесот на евроинтеграција помага за зацврстување на политиките, поддршка на извозот, прилив на странски директни инвестиции и др.
Очекувањата на Агенцијата за буџетскиот дефицит за 2021 година се дека ќе изнесува 6,1 отсто од БДП, што е пониско од ревидираната владина проекција која изнесува 6,5 отсто од БДП.
Како што е наведено во извештајот, Предлог-буџетот на Владата за 2022 година е во согласност со Фискалната стратегија 2022-2026 година, која предвидува опаѓање на буџетскиот дефицит на 4,3% и 3,5% од БДП во 2022 и 2023 година, респективно, пред да достигне 2,2% од БДП до 2026 година.
Агенцијата очекува државниот долг да достигне 53% од БДП до крајот на ова година и 55,3% од БДП до 2023 година. Буџетскиот дефицит би се спуштил на 3% од БДП до 2023 година, додека нето странските директни инвестиции се очекува да се позиционираат на 3,1% од БДП до 2022 година, целосно финансирајќи го дефицитот на тековната сметка.
Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки. Кредитниот рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што понатаму има идно влијание врз зголемувањето на економскиот раст, зголемувањето на извозот, зголемена вработеност и повисоки плати. Потврдата на кредитниот рејтинг на државите во време на пандемија, исто така влијае, и врз намалување на трошоците за долгот на државата, со што се постигнуваат заштеди во каматните плаќања, стои во соопштението од Министерството за финансии.