Проект вреден 800 милиони евра за изградба на модерни ресорти за сите сезони и ски центри на Јабланица, Бушова планина и Караџица најави директорот Павлески

IMG_1613

Директорот на Агенцијата Дејан Павлески на денешната прес конференција информираше за еден од најголемите и најграндиозни проекти што се планирани од страна на Агенцијата, проект на кој е работено подолг временски период заедно со Даниеле Костантини, експерт од Италија со над триесет годишно искуство во креирање на планински и ски ресорти ширум светот.

“Во изминатите 6 месеци направивме сеопфатни анализи за потенцијалите на нашата земја за развој на целогодишниот туризам, со особен фокус на зимските спортови, па со гордост можеме да го презентираме пред вас и јавноста.

Република Северна Македонија има потенцијал за изградба на три ски центри по сите светски стандарди на Јабланица кај Струга и Вевчани, Бушова планина кај Крушево и Македонски Брод и Караџица во Сопиште и Студеничани. Тоа се локации кои имаат одлични природни предиспозиции и соодветна инфраструктура.

Развојот на овој проект ќе ја промовира земјата како врвна ски дестинација со конкурентни цени на скијачкиот пазар, во споредба со регионот и со меѓународните конкуренти. Станува збор за проект кој има главна цел да го стимулира и да даде силен импулс за развој на домашниот туризам и економија и да ги „отвори вратите“ за љубителите на природата и авантуризмот, како од Европа, така и од целиот свет.

Идејата е овие нови туристички центри да можат да се користат од страна на посетителите во текот на целата година, а не само во зимските месеци. Прелиминарните проценки се дека овој проект би чинел помеѓу 700 и 800 милиони евра, опфаќа изградба на три нови туристички села на овие три локации кои би содржеле вкупно 16 хотели со четири и пет ѕвезди, ресторани и околу 130 планински куќи со капацитет од над 5000 легла, понатаму жичарници, ски лифтови, над 180 километри алпски скијачки патеки, велосипедски и авантуристички патеки, изјави Павлески.

Агенција активно ќе работи на промоција на овие проекти со цел во најскоро време и да се реализираат.

“Во наредните неколку месеци ќе ги презентираме и на светскиот настан ЕКСПО 2020 во Дубаи, а веќе остваривме прелиминарни контакти кои набрзо ќе резултираат и со директни презентации.

Јас верувам во успехот на овој проект, бидејќи сите негови аспекти од искористување на природниот потенцијал и соодветната инфрастуктура се исполнети.

Доминантната изложеност на исток, присуство на вода и на езера на голема надморска височина, присуство на снежна покривка помеѓу 1200 и 2200 метри во текот на близу 140 дена во годината, како и лесната пристапност и двата меѓународни аеродроми во непосредна близина се огромна предност и тешко се наоѓаат сите заедно на едно место во повеќето актуелни туристички места и во Европа и на други места во светот”, истакна Павлески.

Share on facebook
Facebook
Share on google
Google+
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn
Share on pinterest
Pinterest