Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот го освои второто место на меѓународниот натпревар за најдобри компании и организации од целиот свет Go Global Awards 2021 организиран од Меѓународниот совет за трговија (International Trade Council) со седиште во Вашингтон, САД. На вчерашната церемонија на која беа присутни компании и организации, на Агенцијата за прв пат и беше доделена награда во категоријата “Промоција на извозот”.
Признанието за успехот во работата на Агенцијата го доби директорот Дејан Павлески, кој ги повика присутните на церемонијата да ги разгледаат можностите и поволностите што ги нуди Владата на Република Северна Македонија за потенцијалните инвеститори и за зголемување на трговската размена.
Во категоријата најдобар менаџер награда доби Мевлудин Ибиш менаџер на македонската компанија Даути Комерц, еден меѓу 10тина домашни компании кои поднесоа апликации во повеќе категории на годинешниот светски бизнис настан.
Директорот Дејан Павлески беше еден од 15-те судии кои минатиот месец ги селектираа апликациите на 780 од пријавени 4372 светски компании од 176 земји на Go Global Awards 2021.
Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот за прв пат беше дел од доделувањето на престижните признанија на компании на меѓународно ниво, откако претходно зема учество на меѓународната конференција The Think Global Conference во април годинава на која како почесен говорник се обрати директорот на Агенцијата Павлески со презентација за инвестициските и извозните потенцијали на земјата.