Северна Македонија годинава ќе забележи економски раст од 4%, а во 2022 од 3,9%, предвидува Европската комисија во есенската макроекономска прогноза за земјите членки на ЕУ и државите кандидати.
ЕК оценува дека економското закрепнување на Северна Македонија бележи добар напредок, а домашната и странската побарувачка се зголемуваат. Напредокот се очекува постепено да продолжи и во 2022 и 2023 година, врз основа на зголемувањето на домашната потрошувачка и побарувачката од странство.
Реалниот раст на БДП се предвидува просечно да биде 3,9 отсто во периодот од 2021 до 2023 година. Закрепнувањето на јавните финансии веројатно ќе биде подолготрајно од претходно очекуваното. Потребите за финансирање за амбициозните нови планови за јавни инвестиции на Владата и продолжената имплементација на антикризните мерки веројатно ќе повлечат одржливи високи нивоа на фискален дефицит, се вели во есенската економска проекцијата на ЕК за Северна Македонија.