Спортска дипломатија: Унапредување на јавна дипломатија, трговска и економска соработка помеѓу Република Северна Македонија и Романија
Денеска во Стопанската Комора на Букурешт, на првиот ден од настанот а пред “отворањето“ на „Неделата на македонски производи“, директорот на Агенцијата, Дејан Павлески на романските стопанственици им ги презентираше македонската бизнис клима и извозните потенцијали.
Присутните стопанственици беа запознаени со поволностите кои што се на располагање на инвеститорите, поддршката на извозот како и со условите за трговска соработка.
-„Традиционално добрите врски и пријателски односи помеѓу двете земји и народи нека бидат поттик за зголемување на вкупната трговска размена, создавање на можности за меѓусебни инвестиции и соработка на компаниите за вклучување во своите вредносни синџири“ – акцентираше на крајот од своето обраќање Павлески.
По бизнис презентациите, од страна на претседателот на Комората на Букурешт Iuliu Stocklosa, а во присуство на Министерот за економија Крешник Бектеши и Министерот за земјоделие Аријанит Хоџа како и на стопанствениците од двете земји, беше отворена „Неделата на македонски производи“. Со штандови со свои брендови од прехранбената, млечната, кондиторската и винската индустрија присутни се повеќе македонски компании. Производите ќе им бидат достапни и за дегустација на заинтересираните посетители на настанот кој ќе трае до 18 ти јуни.
Настаните се организирани во рамките на „спортската дипломатија“ и учеството на нашата репрезентација на Европско Првенство во фудбал, а на иницијатива на канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, македонскиот амбасадор во Букурешт, Габриeл Атанасовски и Стопанската комора на Букурешт.